Француско-швајцарскиот режисер, кој почина денеска на 91-годишна возраст, прибегнал кон помогнато самоубиство – овластена и надгледувана пракса во Швајцарија.
Со неговата смрт, од сцената заминува еден од најголемите синеасти, но тој ќе остане запаметен како уметник, филозоф, писател, револуционер, чувар на 20-иот век, јави дописникот на МИА од Париз.
Неговата сопруга Ан-Мари Миевил и неговите продуценти ја потврдија неговата смрт, објаснувајќи дека тој „умрел мирно во својот дом опкружен со своите најблиски“, во Роле, на брегот на Женевското езеро.
„Не беше болен, едноставно беше исцрпен. Така тој донесе одлука да стави крај. Тоа беше негова одлука и му беше важно тоа да се знае“, вели близок на семејството за „Либерасион“.
Во Швајцарија, потпомогнатото самоубиство е дозволено. Членот 115 од швајцарскиот Кривичен законик, кој датира од 1937 година, само пропишува дека „секој што, воден од себичен мотив, ќе поттикне лице да изврши самоубиство или ќе му помогне да изврши самоубиство, ќе се казни со затворска казна до пет години или парична казна“. Затоа, „себичниот мотив“ остава значителна маргина на проценка, дозволувајќи им на здруженијата како што се Exit, Dignitas или Life Circle медицински да им помогнат на луѓето да умрат.
Извор: МИА