Еден од четворицата пилоти на рускиот воен бомбардер Ту-22М3, кој се урна во руската област Ставропол, загина, пренесува ТАСС.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека воен авион, бомбардер Ту-22М3, се урна во областа Красногвардејск, во јужниот руски регион Ставропол, и дека тројца пилоти се катапултирале, додека потрагата по четвртиот е во тек.
Гувернерот на регионот Владимир Владимиров посочува дека потрагата по четвртиот пилот продолжува.
„Добивме подетални информации за несреќата што се случи со руски воен авион во областа Красногвардејск. Длабоко жалиме што еден од членовите на екипажот загина, упатувам сочувство до семејството на починатиот и неговите пријатели. Потрагата по четвртиот пилот продолжува“, рече Владимиров на каналот Телеграм.
Авионот се враќал на пистата во Ставрополската област кога се случила несреќата, истакнуваат од руското Министерство, истакнувајќи дека во авионот немало муниција, односно не е направена штета на земјата.
Прелиминарните податоци на руските истражители велат дека причина за инцидентот е техничка неисправност, додека украинската страна, поточно командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешук, тврди дека Украина го соборила авионот.