Фонд за стратешка култура – Москва
Администрацијата во Брисел се надеваше дека коалицијата предводена од партијата ФИДЕС-Унгарски граѓански сојуз на премиерот Виктор Орбан ќе победи на изборите со нетолку убедливо мнозинство. Малкумина се сомневаа во неговата победа.
Но, надежите не се исполнија. Во услови на досега невиден одѕив од 70 отсто, Унгарците ја поддржаа коалицијата на ФИДЕС со 48,5 отсто од гласовите што и овозможи да добие 134 од вкупно 199-те места во Парламентот и да има мнозинство со кое ќе може да спроведе и уставни реформи.
Тоа го засили борбениот дух на Орбан. Унгарскиот премиер доби мандат да ја продолжи својата политика. – Победивме и тоа ни дава можност да ја браниме Унгарија, изјави Орбан дента кога беше јасна неговата победа. – Европската унија не е Брисел. Европската унија се Берлин, Будимпешта, Варшава, Прага, Букурешт. Тоа е ансамбл од национални главни градови, додаде тој.
Виктор Орбан го освои четвртиот премиерски мандат и Брисел е убеден дека нема начин како да избегне нови конфликти со неговата Влада. Орбан се конфронтираше со евробирократите уште од неговото прво доаѓање на власт во 2010 година.
Суштината на конфликтот е во одлуката на Будимпешта да воведе ограничување за прием на бегалци, да ги ограничува слободата на медиумите, правосудството и невладините организации за заштита на човековите права и да ги прогонува и организациите поврзани со Сорос во Унгаријам а се појавија и обвинувања за злоупотреба на финансиската помош од ЕУ.
Победата на ФИДЕС беше добра вест за францускиот Национален фронт, за Алтернативата за Германија и за Партијата на слободата во Холандија, чиј лидер Герт Вилдерс му честиташе на Орбан за „одличниот резултат и заслужената победа“.
Во германската Федерална Влада исто така има сили кои гледаат со симпатии на ФИДЕС. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е лидер на конзервативната Христијанско социјална унија, изјави дека се радува поради победата на ФИДЕС и нагласи дека неговата партија и натаму ќе го поддржува партнерството со Орбан.
Но, постои и друга Европа. Според луксенбуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн, ЕУ не е создадена со цел „да го трасира патот на етничките идеолози кон владите“. Претставниците на ОБСЕ подготвуваат извештај за изборите во Унгарија, во кој се очекува да бидат изнесени критики за политиката на унгарската држава во информативната сфера во текот на изборната кампања. Во исто време, опозицијата која загуби на изборите, го обвинува Орбан дека ги прекршил демократските правила.
Виктор Орбан меѓутоа си обезбеди нешто што е од клучна важност за него, а тоа е поддршката на населението. Тој изјави дека во позадина на целата емигрантска криза во 2015 година стои заговор на Џорџ Сорос.
Британскиот „Гардијен“ по тој повод оцени дека „Виктор Орбан употребува термини карактеристични за екстремнодесничарските маргиналци“. – Со зборовите дека десетици милиони мигранти од Африка и Блискиот Исток чекаат шанси да дојдат до вратата на Унгарија и да влезат во неа, донесувајќи терор, криминал и насилство, по што повеќе нема да има враќање назад, тој се наметна како лидер на антиемигрантското движење кое претставува главен предизвик за единството на ЕУ. Унгарската војна за демократија од таа гледна точка претставува војна за демократија во целиот свет. Унгарија ја труе политичката атмосфера, оценува „Гардијен“.
Германската телевизија н-тв.де употреби поумерени зборови, но исто така, предупреди дека Орбан ќе се обиде да го задуши гласот на последните независни медиуми, да ги прогласи за незаконски, според него, неподобните невладини организации и конечно да ги постави судовите под своја контрола. На европско ниво тој се изјасни против политиката на солидарност на Европската унија кон мигрантите и бегалците, наведува германската телевизија, притоа цитирајќи го весникот Њујор Тајмс: „Овие избори најверојатно се последните по кои тешкоосакатената демократија ќе се претвори во избор на автократија. За ЕУ како заедница на демократски држави се поставува прашањето може ли да води заедничка политика со Орбан“.
Еврокомесарот за буџет Гинтер Отингер се закани со воведување на финансиски санкции против Унгарија, но Брисел нема критериуми за спроведување такви мерки против држава членка на ЕУ. Пореално е да бидат воведени санкции за кршење на принципите на правната држава, како што е предвидено со членот 7 од Повелбата на ЕУ и како што веќе беше во случајот на Полска. Во таков случај Унгарија би можела да го загуби правото на глас во Советот на министри на ЕУ.
Копретседателот на Партијата на зелените во Европскиот парламент, Филип Ламбертс се сомнева дека може да се обезбеди мнозинство за активирање на членот 7 против Унгарија. – Во Унгарија доминира национилистичкиот популизам. Неможам да најдам други зборови за тоа што се случува таму – малтретирање на мигрантите, крстоносна војна против Џорџ Сорос и латентен антисемитизам, вели Ламбертс за политиката на Орбан.
Во секој случај пред ЕУ се наметнува потребата за носење сериозни одлуки. Долгорочното финансиско планирање и усогласувањето на реформата за законодавството за бегалците, кое е предвидено за текот на јуни, ја наметнува потребата од единство во ЕУ, а ФИДЕС во мај се подготвува со закон да ја ограничи работата на невладините организации кои им помагаат на бегалците.
Според пратеникот на ФИДЕС Јанош Халас тоа е прашање на суверенитетот и станува збор за работи поврзани со безбедноста на земјата. Во Брисел никој не очекува да биде постигнат европски консензус со Орбан по тоа прашање. Според лидерот на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфренд Вебер, Виктор Орбан ќе треба да реши дали Унгарија ќе остане во ЕУ или ќе си оди од неа.