Романското Министерство за правда побара да им бидат укинати пратеничките имунитети на петмина поранешни министри, кои се обвинети за корупција.
Романската национална дирекција за борба против корупцијата соопшти дека на списокот на осомничени се наоѓаат поранешните министри за комуникации и информатичко општество Адријана Цику и Габриел Санду, поранешните министри за образование и наука Даниел Фунериу и Александру Атанасиу и поранешниот министер за финансии Михај Николае Танасеску.
Тие се обвинети за земање поткуп во замена за доделување тендери во програмата за компјутеризација на образованието, која започна во 2004 година.
Минатата недела Јавниот обвинител на Романија побара започнување истрага против вкупно деветмина поранешни министри од различни влади, осомничени за корупција.
Станува збор за програма за компјутеризација на образованието во вредност од околу 200 милиони долари, одобрена во мај 2001 година од владата на тогашниот премиер Адриан Настасе.