Ирачката армија и шиитски паравоени единици денеска ги пробија одбранбените позиции на курдските сили и го освоија градот Алтун Купри, на самата граница со регионот Ирачки Курдистан.
Со ова, ирачката армија го комплетираше освојувањето на областа околу градот Киркук, која се наоѓа надвор од границите на Ирачки Курдистан, но со години беше под курдска контрола. Според курдски извори, во борбите со ирачката армија и со шиитските паравојски биле убиени околу 30 курдски борци, а над 20 биле ранети. Пет шиитски борци исто така загинале во борбите.
Градот Алтун Купри се наоѓа меѓу Киркук и Ербил, главниот град на Ирачки Курдистан. Засега не е извесно дали ирачката армија и шиитските групи, кои добиваат поддршка од официјален Иран, ќе застанат на границите на Ирачки Курдистан или ќе напредуваат натаму кон Ербил.
Во гест на помирување, духовниот водач на ирачките шиити, ајатолахот Али ал Систани, ги повика властите да ги заштитат Курдите на северот на Ирак. Повикот се смета за апел да не се вршат злосторства на етничка и верска линија, кон Курдите од Киркук и другите градови кои потпаднаа под контрола на ирачката армија.
Во исто време и Обединетите нации изразија загриженост за положбата на Курдите во освоените области.