Албански полициски офицери ќе бидат стационирани во Довер и други британски пристанишни градови за да помогнат во идентификувањето и депортирањето на илегалните имигранти од Албанија.
Ова е само една од мерките договорени меѓу албанските и британските власти по зголемениот број на албански мигранти кои преку каналот Ла Манш илегално влегуваат на британска територија.
Британскиот весник „Телеграф“ пишува дека министерката за внатрешни работи Прити Пател договорила акциски план со нејзиниот албански колега Бледи Чучи, бидејќи разузнавачките служби сугерираат дека Албанците сочинуваат меѓу 40 и 60 отсто од мигрантите кои го минуваат каналот, главно со моторни чамци.
Според последните податоци, само во периодот јануари-јули годинава околу 6.000 од вкупно 23.000 илегални имигранти, кои пристигнале во Обединетото кралство, се од Албанија.
За овој проблем разговарале британската министерка за внатрешни работи Прити Пател и нејзиниот албански колега Бледи Чучи, на кој е договорено репатријацијата на Албанците да започне од следната недела.
-Благодарение на одличното ниво на соработка што го имаме со Албанија, ќе ја искористиме секоја можност да ја забрзаме депортацијата на Албанците кои немаат право да останат во Велика Британија, изјавила Пател.
Министерот Чучи најави дека ќе започнат кампања за да ги предупредат мигрантите дека им се заканува депортација и казна затвор до четири години доколку илегално влезат во ОК.
Извор: МИА