Новите медицински испитувања врз поранешниот израелски премиер Ариел Шарон, кој седум години се наоѓа во кома, покажуваат дека тој дава знаци на мозочна активност.
Испитувањата се извршени од екипа составена од израелски и американски експерти.
Универзитетот „Бен Гурион“ соопшти дека 84-годишниот Шарон, кој се наоѓа во болницата „Сорока“ во Беершеба, реагирал на надворешни влијанија.
За време на двочасовните анализи со специјален мозочен скенер на Шарон му биле покажани фотографии од семејството и му бил пуштена аудио снимка со гласот на неговиот син. Според соопштението на Универзитетот „била забележана значителна мозочна активност“.
– Тоа наведува на фактот дека Шарон можеби слуша, дека важна информација му пристигнува во мозокот и се обработува. Но, и покрај тоа, тој останува во длабока кома и не постојат шанси да стане од кревет, наведува неврологот од „Сорока“ Алон Фридман.
Според лекарите, реакциите на Шарон даваат надеж дека некогаш би можело да биде откриено лекување на некои видови кома.
Ариел Шарон стана премиер на Израел во 2001 година. Во 2005 година тој преживеа мозочен удар и оттогаш е во вегетативна состојба и дише со помош на апарати.