Претседателот на Нобеловиот комитет Тхорбјорн Јагланд, денеска во Осло ја додели Нобеловата награда за мир од 1991 година, на Аунг Сан Су Кји, која тогаш во нејзино име ја преземаа нејзините синови и рече дека се надева оти и кинескиот дисидент Лиу Ксијаобо, добитник на наградата за 2010, еден ден ќе дојде во Осло.
„Повеќе од две децении по доделувањето, Аунг Сан Су Кји е конечно тука“, рече во својот говор Јагланд, во чест на светската „икона“ на демократијата, која се наоѓа на првото патување во Европа по 24 години домашен притвор.
„Се надеваме дека Лиу Ксијаобо не ќе мора да чека толку долго за да дојде до Осло“, рече Јагланд.
Тој истакна дека таа, во текот на изолација стана морален лидер за целиот свет.
Кинескиот дисидент Лиу Ксијаобо во затвор ја дочека веста дека е добитник на Нобеловата награда за мир во 2010 година, за напорите во корист на човековите права и демократијата во Кина. Него не можеше да го застапува ниту сопругата , која е во куќен притвор, ниту некој од тројцата браќа кои не смеат да ја напуштаат кинеската територија.
Во говорот Су Кји истакна дека апсолутен мир во нашиот свет е се уште невозможен, дека во Мианмар не се запрени непријателствата.
Говорот го искористи за да побара ослободување на политичките затвореници во својата земја.