Околностите за несреќата на авионот „Ербас А320“ на германската компанија „Џерман вингс“ не ги изненадија француските пилоти, кои ги осудуваат безбедносните мерки што САД им ги наметнаа на сите авиокомпании по терористичките напади од 11 септември 2001 година, пренесува францускиот весник „Монд“.
– Откако американските власти ги наметнаа новите мерки за безбедност со кои се ограничува пристапот до кокпитот, особено со блиндираната врата со безбедносни шифри, пилотите стравуваат дека може да дојде до околности во кои во вторникот се урна авионот во француските Алпи, изјави Патрик Мажисон, пилот на авион „А320“во „Ер Франс“ и инструктор по летање.
Новите прописи, објаснува тој, ја превртеа логиката која важеше од самите почетоци на воздухопловството.
Пред 11 септември 2001 година, безбедноста на патниците имаше предност во однос на безбедноста на авионот, но вратата и безбедносните системи кои во меѓувреме беа воведени тоа го променија, наведува тој.
– Меѓународната унија на синдикатот на пилотите на редовните линии тогаш го осуди ова свртување на приоритетот, истакнува Мажисон.
По трагедијата што му се случи на авионот на „Џерман вингс“ што во вторникот се урна додека леташе на линијата Барселона-Диселдорф со 150 патници и членови на екипажот, од кои никој не прежива, при што има сомненија дека копилотот со психички проблеми намерно го урнал авионот, може да се покаже дека пилотите се во право, оценува „Монд“.
Генералната управа за цивилно воздухопловство потсетува дека големите авионски несреќи во минатото често пати биле повод за измена на прописите, но напоменува дека се ќе зависи од резултатот на истрагата која ја спроведува Бирото за истраги и анализи (БЕА).
Многубројни авиокомпании и здруженија на пилоти веќе побараа во кокпитот за време на летот постојано да има присуство на по два члена на персоналот, што во пракса значи, доколку еден од двата пилота мора да излезе од кабината, да мора да биде заменет од стјуарт или стјуардеса, заклучува „Монд“.
Во меѓувреме, водечкото здружение на француски пилоти поднесе тужба заради протекување информации за истрагата за падот на авионот, пренесуваат американските медиуми.