Пјонгјанг го окарактеризира како „марионета“ на САД новиот известувач на Обединетите нации за човекови права во Северна Кореја, предупредувајќи дека нема да толерира, како што го соопшти, „заговор предводен од Вашингтон за злоупотреба на човековите права како изговор за соборување на севернокорејската власт“.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ја обвини Елизабет Салмон, специјален известувач на ОН за човекови права во КНДР, дека покажува „незнаење и пристрасност” во однос на земјата.
„Рекетот по однос прашањето за човековите права на САД и другите непријателски сили не е ништо друго туку крајно непријателско политичко средство за оцрнување на достоинствената слика” на Северна Кореја. „Никогаш нема да го прифатиме тој рекет на САД и нивните вазални сили што имаат за цел да го соборат нашиот социјален систем“, се додава во соопштението.
Гневната реакција доаѓа на првата посета на Елизабет Салмон оваа седмица на Јужна Кореја, каде што разговараше со официјални лица, активисти и бегалци од Северна Кореја. Салмон беше назначена на функцијата минатиот месец. На нејзиниот претходник му беше забранет влез во Северна Кореја што, според набљудувачите, го отежна обезбедувањето независни и веродостојни информации за состојбата со човековите права северно од 38-та паралела.
На денешната прес-конференција во Сеул, Салмон призна дека е целосно свесна дека за проблемот со одбивањето на Пјонгјанг да соработува.
„Меѓутоа, за тоа време многу читав и истражував, а на прашњето е работено 18 години така што јас сум нова, но мандатот не е нов“, изјави таа. Салмон истакна дека ОН не треба да се откажат од интересирањето за Северна Кореја бидејќи како што рече, „влог се животите на луѓето во Северна Кореја и нивните човекови права“.
Во последниот извештај на ОН објавен денеска генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш констатира дека Северна Кореја ја засилила репресијата врз правата и слободите на нејзините граѓани и оти Советот за безбедност на ОН ќе расправа за евентуално изведување на државата пред Меѓународниот кривичен суд заради можни злосторства против човештвото.
Извор: МИА