На улиците на повеќето египетски градови денеска е мирно, по еден од најкрвавите денови откако во јули војската го смени исламистичкиот претседател Мохамед Морси, додека во градот Исмаилија на Суецкиот Канал е извршен напад во кој непознати лица убиле патмина египетски војници.
Во централниот дел на Каиро, каде вчера со часови траеја судирите меѓу приврзаниците на Морси и силите за безбедност, сообраќајот се одвива нормално.
Државните медиуми јавија дека силите за безбедност ја вратиле денеска целосната контрола во државата.
Бројот на жртвите во вчерашните судири, кои избија меѓу силите за безбедност и приврзаниците на соборениот претседател Морси во повеќе египетски градови, се зголеми за две лица, од 51 на 53 жртви. Министерството за здравство соопшти дека во вчерашните судири се повредени 271 лице, од кои повеќето се приврзаници на Морси.
Непознати напаѓачи денеска убија петмина египетски војници во напад врз воена патрола во близина на градот Исмаилија. Нападот е извршен северно од градот, каде екстремистите изминатите неколку недели во повеќе наврати ги напаѓаа безбедносните сили.