Индиската полиција денеска соопшти дека уапсила пет функционери на градежната компанија заради уривањето на надвозникот во изградба во Калкута, при што загинаа 25 лица, а повредени беа повеќе од 80 лица.
Полицијата во Калкута наведува дека на испитување ги повикала вработените во компанијата ИВРЦЛ, задолжена за изградба на надвозникот, што се урна на подрачјето со густ сообраќај во источна Индија, зад што останаа купишта бетонски плочи и свиткани железни шипки, пренесува Танјуг.
Полицијата, исто така, ја затвори канцеларијата на ИВРЦЛ во Калкута, пренесуваат француските медиуми.
Спасувачките екипи досега успеале да извлечат речиси 100 затрупани лица, претходно денеска соопштија официјални претставници.
Спасувачите цела ноќ ги расчистувале урнатините, но се стравува дека има се помалку надеж дека ќе се најдат уште преживеани.
– Операцијата на спасување нема да биде прекината се додека не се расчисти целиот бетон и челичните носачи, изјави претставникот на полицијата во Калкута Ахилеш Чатурведи.
Според него, речиси 300 припадници на надлежните служби учествуваат во расчистувањето на урнатините.
Засега не е позната причината за уривањето на надвозникот, но полицијата поднесе пријава против изведувачот на градежните работи.
Во несреќата, како што наведуваат американските медиуми, повредени се 80 лица.
Надвозникот во Калкута бил долг два километра.