Пет членови на женската ватерполо репрезентација на Куба, пребегаа во САД, додека се наоѓаа на подготовки во Мексико, пишуваат мексиканските весници.
Засега не се знае дали сите кои пребегаа, се репрезентативки, но весниците тврдат дека еден од бегалците бил тренерот на женската репрезентација.
Ватерполистките и членовите на стручниот штаб, од почетокот на овој месец биле на подготовки во спортскиот центар во градот Монтереј, во североисточно Мексико.
Во овој спортски центар тие се подготвувале за квалификациониот турнир во женско ватерполо за Олимписките игри ова лето.
Турнирот ќе се одржи во Холандија, во март, но не се знае, дали по овој инцидент, Куба воопшто ќе учествува на квалификациите, затоа што веднаш по бегството на пете членови на репрезентацијата, другите биле веднаш вратени во Хавана.
Инцидентот со бегството на ватерполистките се случи само два дена по бегството во САД и на двајца кубански играчи на безбол.
Двајцата биле на едно натпреварување во Доминиканската Република, но од таму прво „исчезнале„ а потоа им се јавиле на своите најблиски во Куба, од „непозната локација„ во САД.
Во декември 2014 година, Хавана и Вашингтон ги обновија дипломатските односи, но кубанските спортисти продолжија и понатаму да користат секоја прилика за да пребегаат во САД.Се верува дека причина за тоа се огромните хонорари што прфесионалните спортисти ги добиваат во американските клубови.