Пентагон денеска соопшти дека во Сирија се 2.000 американски војници, двојно повеќе од 900-те претходно најавени и појасни дека дополнителните војници се привремени сили и поддршка во борбата против милитантите на Исламската држава.
Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер им изјави на новинарите дека не знае колку време биле таму 2.000 војници, но дека најверојатно биле распоредени најмалку неколку месеци пред падот на сирискиот лидер Башар ал Асад.
„Денес ја дознав таа бројка. Претходно пријавив околу 900 војници, па сакав да го објавам она што го знам сега“, рече тој.
Соединетите Држави веќе неколку години јавно кажуваат дека имаат 900 војници во Сирија кои работат со локалните сили за да го спречат обновувањето на Исламската држава, која зазеде големи делови од Ирак и Сирија во 2014 година, но подоцна беше потисната.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден најави дека американските војници ќе останат во Сирија, но новоизбраниот претседател Доналд Трамп може да ги повлече кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.