Информацијата дека САД ги повлекуваат своите војници од 15 воени бази на територијата на Ирак, не соодветстува со реалната ситуација, изјави потполковникот Ерл Браун, претставник на Централната команда на американските Вооружени сили (СЕНТКОМ).
-Овие информации се лага, изјави тој.
Телевизијата „Sky News Arabia“, вчера, повикувајќи се на изјава на членот на комисијата за одбрана и за безбедност во ирачкиот Парламент, Али ал-Ганими, јави дека САД почнале да ги повлекуваат своите војници од воени бази во Ирак.
Според пратеникот, Американците ќе го ограничеле своето присуство на само две големи бази – во близина на градот Ербил, во северниот дел земјата, и на воздухопловната база Аин ал Асад.
На 5 јануари, два дена по американскиот ракетен напад во близина на аеродромот во Багдад, во кој загина командантот на специјалните сили „Ал-Кудс“ на иранската Револуционерна гарда (елитни единици на иранските вооружени сили) Касем Суллејмани, ирачкиот Парламент усвои резолуција со која побара целосно повлекување на сите странски војски од земјата.
САД се уште одбиваат да се усогласат со оваа одлука на ирачкиот Парламент, а претседателот Доналд Трамп му се закани на Ирак со „невидени санкции“ како одговор на можните чекори на Багдад за повлекување на американските сили од територијата на Ирак.