Патничкиот воз, кој сообраќа од Лондон за крајниот запад на Англија, во областа Корнвол, излезе од шините додека ја напушташе лондонската железничка станица Падингтон.
Последниот вагон од композицијата при првата блага кривина на самата станица, излегол од шините и останал навален на едната страна.
Интервенирале спасувачки екипи кои ги извлекувале патниците од заробениот вагон, како и од целиот воз.
Преставник на спасувачките екипи изјави дека во оваа несреќа никој не е повреден, затоа што во моментот на инцидентот возот се движел со многу мала брзина.
Отворена е истрага за несреќата, која предизвика два перони на фреквентната станица Падингтон да останат затворени за сообраќај.
Ова беше втор случај, воз да излезе од шините додека е во некоја од главните лондонски железнички станици.
Во вторникот, возот кој сообраќа од Лондон кон југозападниот дел на Англија, излезе од шините, на станицата Ватерло, откако удри во една станична ограда.
Во овој инцидент, исто така, немаше повредени патници, а ниту луѓе кои стоеле на перонот.