Главната централно-левичарска политичка групација во Европа ја исклучи од членство партијата Смер на словачкиот премиер Роберт Фицо, обвинувајќи го за зближување со рускиот претседател Владимир Путин и поткопување на владеењето на правото во неговата земја.
Партијата на европските социјалисти едногласно гласаше за исклучување на партијата Смер на Роберт Фицо поради заземање политички ставови во последните години кои сериозно и длабоко се спротивставуваат на вредностите и принципите за кои се залага семејството на европските социјалисти, изјави генералниот секретар Џакомо Филибек.
„Ова е едногласна и јасна порака. Ако припаѓате на семејството на ПЕС, ги делите истите вредности за кои сите се залагаме“, рече Филибек по гласањето на конгресот на групата во Амстердам.
Групата не даде конкретна причина за исклучување на Смер.
Фицо рече дека е разочаран од одлуката.
„Ако сакаат да нè казнат затоа што го дефинираме бракот како единствена заедница на маж и жена, затоа што велиме дека постојат само два пола и затоа што велиме дека во овие прашања нашето законодавство има предност пред европското право, ако тоа е причината зошто треба да бидеме избркани, тогаш тоа е чест за нас“, рече тој.
Во мај, Фицо беше единствениот лидер на земја-членка на ЕУ што отпатува во Москва на прославите по повод 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, и покрај повиците на ЕУ за бојкот.
Познат по своите проруски ставови, тој отворено ја оспори политиката на европскиот блок кон Украина.
Словачка во моментов го блокира најновиот пакет санкции на ЕУ против Русија, според АП.