Владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган го загуби апсолутното мнозинство и нема да може сама да формира влада. Партијата доби над 40 насто.
Партијата на правдата и развојот која е на власт од 2002 година ќе има 258 од 550 места во парламентот. За апсолутно мнозинство се неопходни 274 пратеници. Ова е своевиден пораз за претседателот Ердоган.
Партијата ги губи шансите да направи уставни промени за воведување на претседателски систем на управување, што беше заложба и желба на Ердоган.
Како најголем победник на вчерашните парламентарни избори е прокурдската Демократска партија на народите (ДПН), која успеа да го прескокне прагот од 10 проценти за влез во парламентот и да си обезбеди повеќе од очекуваното пратеници, околу 80 според пресметките врз основа на конечни резултати.
Формирањето на коалициска влада на оваа фаза изгледа премногу комплицирано.