Парламентот на Казахстан побара денеска главниот град Астана да го носи името на претседателот Нурсултан Назарбаев.
Едногласната одлука е усвоена една недела пред националното чествување на 76-годишниот лидер, кој може да го прифати или отфрли предлогот.
Денешното гласање во Парламентот го покажува големиот култ кон личноста на Назарбаев, кој управува со државата од 1989 година, односно уште од периодот на СССР.
Минатата недела Централната банка во земјата соопшти дека ликот на Назарбаев првпат ќе се појави на една од банкнотите на казахстанската валута. Банкнотата ќе биде пуштена во оптек на 1 декември, кога се одбележува Денот на првиот претседател.
Астана на казахстански јазик означува „главен град“ и го носи тоа име од 1998 година, веднаш откако владата се префрли таму од Алмати, најголемиот град и трговски центар во земјата.
Назарбаев ги отфрлал сличните предлози во минатото, но во последните години се повеќе ги прифаќа ваквите идеи. Во земјата веќе има неколку споменици со неговиот лик, неговото име го носат еден влијателен универзитет и повеќе училишта.