Шпанија денеска гласа за нов парламент, но за разлика од пред четири години кога сите знаеја кој ќе победи убедливо, денеска соодносот на силите е речиси идентичен.
Изборните места ќе бидат отворени во 8 часот по локално време каде 36,5 милиони Шпанци ќе избираат членови на Долниот дом на парламентот како и на Сенатот. Првичните резултати се очекуваат вечерва.
Државјаните на Шпанија ќе излезат на гласачките места за да изберат 350 членови на Конгресот на пратениците и 208 членови на Сенатот на шпанскиот Парламент.
Изборниот закон во Шпанија забранува објавување на анкети во последната недела пред изборите, но последните испитувања на јавното мислење спроведени на почетокот на месецот, покажуваат дека ниту една партија нема да освои мнозинство за да може самостојно да формира Влада.
Според анкетите, владејачката конзервативна Народна партија (ПП) на премиерот Марјано Рахој ужива поддршка на меѓу 24,5 и 28,6 проценти од гласовите, пред главната опозициска сила, Социјалистичката работничка партија на Шпанија (ПСОЕ), која може да се надева на меѓу 20,6 и 22,8 отсто. Близу зад нив се левата популистичка партија Ние можеме (Подемос) со поддршка со 17,9 до 19,9 проценти и либералната партија Граѓани, која може да се надева на меѓу 16,3 и 17,6 отсто од гласовите.
Неизвесноста од конечниот исход на изборите произлегува и од фактот што на почетокот на месецот дури една третина од шпанските избирачи се уште не решиле дали воопшто ќе излезат на гласање или за кого ќе гласаат.
Изборите се одржуваат во услови на продлабочена економска криза во која се наоѓа земјата, пропратена со раст на невработеноста и серија корупциски скандали. Според аналитичарите ваквата атмосфера ќе поттикне голем број избирачи својата доверба да ја дадат на некоја од „алтернативните“ партии, наместо на ПП или ПСОЕ, кои доминираат на шпанската политичка сцена во изминатите 40 години.
Во вакви услови идната шпанска влада најверојатно ќе биде коалициска, што според аналитичарите, отвара можност за различни комбинаторики при обезбедувањето на парламентарно мнозинство.
Како најверојатна постизборна коалиција аналитичарите ја посочуваат онаа меѓу конзервативците на премиерот Рахој и либералите, што во голема мерка ќе зависи од изборниот резултат на либералната партија Граѓани.
Иако никој не се сомнева дека ПП ќе освои најмногу гласови и најголем број пратеници, некои аналитичари не ја исклучуваат можноста Рахој да се збогува од премиерската функција и да и ја препушти власта на коалицијата на социјалистите и Подемос, кои и во случај да немаат парламентарно мнозинство, би можеле да се обезбедат поддршка од комунистите и некои од помалите регионални левичарски партии.
Аналитичарот на консултантската агенција за одредување на политичкиот ризик „Тенео“, Антонио Баросо оценува дека во ваква ситуација главни и политички играчи во Шпанија стануваат лидерите на партијата Граѓани, Алберт Ривера и на Подемос, Пабло Иглесиас.
– Факт е дека Шпанија минува низ политички промени без преседан. Тоа се должи на комбинација од економската криза и напуштањето на традиционалниот политички систем, смета Баросо.
Во вакви услови, предизборната кампања мина во несекојдневна атмосфера. Лидерите на партиите и кандидатите за пратеници се појавуваа во телевизиски шоуа каде пееја, позираа за модни списанија, а некои дури се јавија и во улога на фудбалски коментатори.
Така, првиот човек на Подемос Иглесиас, чиј карактеристичен имиџ е долгата коса врзана во коњско опавче, започна со објавување на видео коментари на интернет, за потоа да започне со сопствена емисија на една од шпанските телевизии. Во една од нив, 37-годишниот Иглесиас дури и запеа, нагласувајќи дека песната им ја посветува на „сите жени кои живеат со идиоти кои би требало да ги напуштат“.
Лидерот на партијата Граѓани, 36-годишниот Ривера позираше облечен како моторџија за магазинот „Гламур“, обајснувајќи дека сакал да прикаже една нова маркетиншка кампања, што се разликува од досегашните кои се „херметички затворени во политичкиот систем.
Од новиот пристап во политичкиот маркетинг не се откажа ни владејачката Народна партија, па така партиската потпретседателка Сораја Саенс де Сантамарија се обиде да ја имитира американската прва дама Мишел Обама и се појави во едно толк-шоу каде запеа. И 60-годишниот Рахој учествуваше во една радио емисија каде заедно со неговиот син коментираа фудбалски меч на Реал Мадрид, по што премиерот испеа и неколку сентиментални песни.
Аналитичарот Хавиер Пејтиби смета дека ваквиот нов пристап во изборната кампања е со цел политичарите „да допрат до оние луѓе кои загубија интерес за политиката по неколкуте години живеење во економска криза“.
– Целта на сето ова е да демонстрираат дека го слушаат гласот на граѓаните и се обидуваат да изградат имиџ на модерни политичари, кои се разликуваат од старите структури на традиционалните партии, вели Пејтиби.
Политичкиот консутант Икер Меродио пак вели дека со ваквата кампања партиите сакаат првенствено да ги анимираат младите кои во најголема мерка изразуваат недоверба кон политичката елита, која ја сметаат одговорна за сите проблеми со кои се соочуваат.
– На овој начин (политичарите) се обидуваат кај младите да поттикнат чувство дека некој ги разбира нивните проблеми, смета Меродио.
Стратешкиот консултант на агенцијата „Редлајанс, Ана Салазар, оценува дека овие избори дефинитивно ќе стават крај на двопартискиот систем во Шпанија во кои доминираа Народната и Социјалистичката партија.
– Овој двопартиски модел сега ќе биде заменет со систем од четири елементи: левица и десница и стари и млади, смета Салазар.