Израелската армија и вооружените Палестинци се судрија во текот на викендот долж Појасот Газа, соопштија денеска двете страни, додека посредниците се обидуваат да постигнат договор за прекин на огнот, ослободување на заложниците од Газа и палестинските затвореници од израелските затвори.
Веројатноста да се постигне некаков договор останува неизвесна, додека Израел, паралелно, планира да ја прошири својата офанзива за уништување на Хамас, а милитантната група бара траен крај на речиси петмесечната војна, објави Ројтерс.
Палестинските жители изјавија дека израелските сили гранатирале неколку области во енклавата и дека тенковите влегле во Беит Лахиа.
Израелските војници и палестинските милитанти се бореа во секторот Зејтун во градот Газа, на север, област која беше освоена на почетокот на копнената офанзива на Израел.