Папата ја осуди војната и апелираше за мир

Од:

Папата Франциск им порача на руските православни претставници и на другите верски лидери дека верата никогаш не смее да се користи за да се оправда „злото“ што го носи војната.

За време на мисата на отворено во Казахстан тој запраша „колку мртви ќе бидат потребни за мирот“ да надвладее.

Папата апелот го упати за време на неговиот прв ден во Казахстан, каде ја отвори светската меѓуверска конференција и се обрати пред малата католичка заедница во земјата со мнозинско муслиманско население. Меѓу присатните имами, патријарси, рабини и муфтии беше и митрополитот Антониј, задолжен за надворешни работи во Руската православна црква, за која агенциите пишуваат дека силно ја поддржала руската инвазија на Украина. Поглаварот на РПЦ, патријархот Кирил, требаше да присуствува на конференцијата, но го откажа учеството минатиот месец.

Кирил ја поддржа руската интервенција врз духовна и идеолошка основа, нарекувајќи ја „метафизичка“ борба против Западот. Тој ги благослови руските војници кои одат во војна и се осврна на идејата дека Русите и Украинците се еден народ.

Папата Франциск не ги спомна Русија или Украина во неговото обраќање на конференцијата во Казахстан, но инсистираше на тоа дека верските водачи мора да преземат лидерство во промовирањето на културата на мирот, нагласувајќи дека би било лицемерно да се очекува од неверниците да промовираат мир ако верските водачи не го прават тоа.

„Ако Бог на кого му ги посветивме нашите животи е творец на човечкиот живот, како можеме ние кои се нарекуваме верници да го прифатиме уништувањето на тој живот…Имајќи ги предвид грешките од минатото, да ги здружиме силите за да се погрижиме Семоќниот никогаш да не биде заложник на човечката жед за моќ“, рече Папата.

Папата Франциск ги повика сите да се посветат на решавање на споровите преку дијалог и преговори, а не со употреба на оружје.

„Никогаш да не го оправдуваме насилството“, рече Папата.

Патријархот Кирил испрати порака до конгресот што пред учесниците ја прочита митрополитот Антониј. Во него рускиот патријарх не ја спомна војната, туку се осврна на општите проблеми во последните две децении предизвикани од обидите да се изгради светот без потпирање на моралните вредности.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Папата го прими актерот Силвестер Сталоне и неговото семејство во Ватикан

Финансиски колапс на Светата столица: Ватикан должи околу 4,8 милијарди евра

Папата Франциск: Смртта на мигрантите е неприфатлива и речиси секогаш може да се избегне

Тајно снимен разговор меѓу папата Франциск и кардинал, објавен транскрипт

Горан Наумовски

Папата Франциск го распушти раководството на добротворната организација Каритас

Папата не сака операција на коленото