Конфликтот во Сирија нема перспектива и во него не може да има победници, туку само поразени, изјави денеска поглаварот на Римокатоличката црква Бенедикт Шеснаесетти на традиционалната новогодишна средба со странските амбасадори во Светата престолнина.
Тој повторно ги повика страните во конфликтот да го остават оружјето и што е можно побрзо да започнат конструктивен дијалог, со цел да се прекине конфронтацијата, која создава само насилство и страдања кај мирните жители.
Папата, исто така, ги повика дипломатите да ги убедат своите влади да испратат хуманитарна помош во Сирија.
Зборувајќи за реонот на Блискиот Исток, папата Бенедикт Шеснаесетти изрази надеж дека Израелците и Палестинците ќе постигнат мирно решение.
Во врска со кризата во еврозоната, тој побара од ЕУ да преземе долгорочни решенија, кои ќе овозможат економски раст.
– Земјите од ЕУ треба меѓусебно да си помогнат за надминување на економските и финансиските проблеми, како и на социјалните кризи, нагласи папата, барајќи од политичарите да работат на намалување на социјалните разлики.