Пакистанската армија не му дозволи на конвојот возила да влезат во племенскиот регион на Јужен Вазиристан на границата со Авганистан, за да протестираат против нападите на безпилотните летала.
Во конвојот имаше неколку илјади Пакистанци и еден помал дел на американски антивоени активисти. Демонстрантите, предводени од Имран Кан, поранешен пакистански репрезентативец во крикет, беа вратени иако беа на неколку километри од границата со Јужен Вазиристан.
После неколкучасовни безуспешни преговори, Кан изјави дека конвојот ќе се врати во градот Танк, каде што ќе одржи говор пред околу 10.000 луѓе.
Во конвојот се наоѓаат околу 150 автомобили кои тргнаа вчера од Исламабад. Конвојот помина околу 400 километри, по што во текот на ноќта застанаа во градот Дера Исмаил Кан.
Беше планирано вториот ден да прејдат уште 1220 километри и да пристигнат до местото Коткај во Јужен Вазиристан. Меѓутоа, армијата ги запре во градот Кавар. Повеќе од 200 локални и странски новинари патуваат со демонстрантите.
Без оглед на фактот што не успеа да влезе во племенскиот регион, Кан изјави дека дводневното патување е успешно.
– Го пренесовме гласот на народот на Вазиристан во светот – рече Кан.
Портпаролот на Талибанците, Ихсанул Ихсан вчера го осуди планот за мировниот марш.
Во неговото соопштение се наведува дека т.н. Мировен Марш на Имран Кан не сочувствува со жртвите на беспилотните летала, туку тој со тоа се обидува да го зголеми политичкиот углед.
Америка редовно врши ракетни напади врз милитантните упоришта, користејќи беспилотни летала, како што наведува, базата за напад врз меѓународните сили во Авганистан.