Пакистанстката активистка за женски права Малала Јусафај е годинешен добитник на „Сахаров“ наградата за слобода на мислата што ја доделува Европскиот парламент, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Претседателот на ЕП Мартин Шулц, како и лидерите на политичките партии во европскиот законодавен дом, утринава во Стразбур ја избраа Јусафај покрај екс-американскиот шпион Едвард Сноуден, како и тројца белоруски политички затвореници.
– Со доделувањето на наградата „Сахаров“ на Малала Јусафај, Европарламентот ја признава неверојатната сила на оваа млада жена. Малала храбро се залага за правото сите деца да имаат право на фер образование, иако ова право на девојките често им е забрането. Малала храбро закрепна од нападот на Талибанците и сега елоквентно се залага низ светот за ова фундаментално право и да не заборавиме дека таа е се уште загрозена и цел на закни во Пакситан – истакна претседателот на ЕП, Шулц.
Притоа, првиот човек на Европскиот парламент потсети дека утре, 11. октомври, е ден на децата-девојчиња, додавајќи дека над 250 милиони млади девојчиња ширум светот не можат слободно да одат на училиште. Затоа, според Шулц, наградата што ќе и донесе и 50.000 евра на Јусафај, е најдобра инвестиција за иднината.
Инаку, Малала Јусафај имала 11 години кога ја започна борбата за право на образование на жените, нивната слобода и самоопределување во долината Сват во Пакистан. Во ова место, Талибанците забранија девојчињата да одат на училиште, за што таа ги нападне преку блог на интернет употребувајќи псевдоним во 2009 година. Лани, поради своите вакви ставови, Јусафај беше цел на атентат на вооружени Талибанци, што за среќа го преживеа и оттогаш е симбол за борбата за правата на жените и пристап до образованието ширум светот.