Реза Пахлави, синот на соборениот шах на Иран, им ја испрати најострата порака досега на демонстрантите во Иран, повикувајќи на радикализација на протестите, окупација на градските центри и општи штрајкови.
Тој исто така најави враќање во земјата, но дури откако ќе заврши револуцијата.
Во своето последно обраќање, Пахлави експлицитно побара од демонстрантите да ја променат тактиката – од обично присуство на улиците до „освојување и држење“ на клучни точки во градот.
Обраќајќи се, како што ги нарече, „драги сонародници“, Пахлави ги пофали досегашните протести како одговор на „заканите на предавничкиот лидер на Исламската Република“, но нагласи дека сега е време за следната фаза.
– Убеден сум дека со целно присуство на улиците и во исто време со прекинување на финансиските артерии, целосно ќе ја клекнеме Исламската Република и нејзиниот апарат за репресија, рече Пахлави.
Неговиот повик за целосна блокада на економијата и физичко преземање на контролата врз градовите е особено значаен.
„Ги повикувам работниците и вработените во клучните сектори на економијата, особено во транспортот, нафтата, гасот и енергетиката, да започнат процес на општ штрајк. Исто така, ве молам сите вас да излезете на улиците со знамиња и национални симболи и да ги окупирате јавните простори. Целта повеќе не е само да се излезе на улиците: целта е да се биде подготвен да се освојат градските центри и да се одржат“, рече тој.
Пахлави, исто така, даде тактички инструкции, советувајќи ги демонстрантите да одат по различни правци до градските центри, да се приклучат на поголеми групи и да подготват логистика за постојан престој на улиците. Тој, исто така, ги повика припадниците на вооружените сили да ја „нарушат машината на репресија“ до денот на конечната пресметка.
Што се однесува до неговиот личен ангажман, Пахлави тврдеше дека физички ќе им се придружи на луѓето само кога ситуацијата ќе биде безбедна.
„И јас се подготвувам да се вратам во мојата татковина за да бидам со вас, големиот ирански народ, во моментот на победата на нашата национална револуција. Верувам дека тој ден е многу блиску“, рече Пахлави.
