Пред базиликата на Свети Јован во Рим, пред најмалку 100.000 воодушевени поддржувачи, лидерот на популистичкото “Движење на петте ѕвездички”, Бепе Грило во петокот рече, дека ќе го отвори парламентот “како конзерва од туна”, кога, по парламентарните избори кои се одржуваат во Италија денес и утре, ќе испрати во Сенатот и во Долниот Дом, армија од неговите активисти, кои, според проценките на аналитичарите, ќе бидат повеќе од стотина.
Пред поддржувачите кои држеа транспарент на кој пишуваше: “Сакаме да излеземе од темнината” Грило, укажувајќи на размазената италијанска “политичка каста”, извика: “Готово е! Предајте се! Опколени сте!”.
Големиот собир во петокот е само кулминација на неговата маратонска предизборна турнеја, во текот на која на плоштадите низ целата земја собираше голем број на луѓе, при што рејтингот на неговата партија порасна за околу 20 проценти. Ова предизвика паника меѓу аналитичарите, кои предвидуваа дека лидерот на Демократската партија на левиот центар, Пјер Луиџи Берзани лесно ќе формира коалиција со претседателот на технократската влада во заминување Марио Монти.
Комичарот Бепе Грило се залага за политика за животна средина, укинување на привилегиите на пратениците, обезбедување на егзистенцијален минимум за невработените благодарејќи на заштедите во воените трошоци, драстични намалувања на платите на врвните менаџери, правото на свештеници да имаат деца “за да не ги допираат туѓите”, и така натаму.
Финансиските експерти стравуваат поради неговото ветување дека ќе одржи референдум за напуштање на еврозоната и привремено ќе ги замрзне исплатите на камати на државните обврзници, што би можело да доведе до банкрот на државата.
Шеесет и четири годишниот Грило лично не ќе може да влезе во парламентот, бидејќи во 1980 година беше осуден за убиство без предумисла, откако предизвикал судар во кој имало неколку жртви. Неговите неискусни кандидати за парламентот, меѓутоа, полека излегуваат од неговата сенка, а во петокот, некои од нив наговестија дека некои од неговите планови, како што е замрзнување на долгот, не треба да се земаат здраво за готово.