Вонредните парламентарни избори во Шведска закажани на 22 март идната година нема да се одржат. Тоа денеска на прес-конференција го соопшти шведскиот премиер и лидер на социјалдемкортатите Стефан Ловен, јави допсиникот на МИА од Гетеборг.
На прес-конференцијата учествуваа и партиските лидери на Зелените, коалиционен партнер на социјалдемопкратите, како и лидерите на десничарско-центристичкиот блок составен од модератите, либералите, центристите и христијанските демократи.
– Постигнавме спогодба која ги надминува партиско блоковските граници и со што на една малцинска Влада и се дава можност да управува зо земјата, рече премиерот Ловен на средбата со новинарите.
Вонредните парламентарни избори се откажани откако двата парламентарни блока, левиот и десниот, успеале да се договарат околу правилата за изгласување на буџет во Парламентот-Риксдаг, така што со тоа се отвораат можности малцинска Влада да може да добие зелено светло за свој буџетски предлог.
Причината за распишување на вонредните избори беше несогласувањето на парламентарната екстремно десничарска партија Шведски демократи со буџетскиот предлог на црвено-зелената владејачка коалиција, така што при гласањето во Парламентот на почетокот на декември тие своите гласови ги дадоа за предлогот на десниот парламентарен блок.
Со новите парламентарни правила им се одзема можноста на Шведските демократи, кои имаат 13 проценти од пратеничките мандати, да продолжат да го попречуваат изгласувањето на буџетот, барајќи како услов за нивната согласност драстично кастрење на буџетските средства наменти за прифаќање на беглаци и имигранти во Шведска.