Милитанти нападнаа армиски камп во индискиот дел од Кашмир при што загинаа тројца војници и двајца полицајци како и тројца напаѓачи. Двајца војници се тешко ранети во нападот, изјави за ДПА офицер кој побарал анонимност.
Нападот го извршила група милитанти кои упаднале преку линијата на контрола на Кашмир (де факто граница со Пакистан) и го нападнале кампот близу Ури. Според изворот, се уште се водат престрелки и во реонот се упатени дополнителни сили.
Во изминатите недели регистрирана беше ескалација на насилства на милитанти во индискиот дел од Кашмир каде се закажани избори. Изборите во Ури ќе се одржат на 9 декември.
Армиски претставници тврдат дека милитантите поддржани од Пакистан засилуваат насилства за да се оневозможи жителите да гласаат на избори. Десет луѓе меѓу кои четворица цивили загинаа минатата недела откако милитанти нападнаа војници во пограничниот регион Џаму.