Осум лица загинаа во несреќа при искачување на вулканот Кључевскаја Сопка на далечниот исток на Русија. Силните ветрови ги спречуваат спасувачките акции, соопштуваат руските медиуми.
Локалните власти првично известија за шестмина загинати, како и уште шест исчезнати од групата од 12 лица што се искачувала на вулканот, меѓу кои и двајца водичи. Меѓутоа, подоцна властите на регионот Камчатка известија дека загинале уште две лица, според информацијата што ја испратил еден од водичите кој со сателитски телефон комуницира со властите.
Групата во вторникот тргнала на искачување на вулканот висок 4.754 метри. Во саботата кога алпинистите пристигнале на височина од околу 4.200 метри, при пад во провалија настрадале неколку члена на групата. Спасувачите се обиделе да стигнат до нив во неделата, но морале да се вратат назад бидејќи поради силниот ветар не било можно до нив да пристигне помош со хелокоптер.
„Требаше да слетаат на надморска височина од 3.300 метри, но поради силниот ветер од 30 метри во секунда тие не можеа да го сторат тоа и покрај два обиди за неколку часа“, соопштија спасувачките служби.
Најавено е дека утре повторно ќе се обидат да стигнат до групата доколку тоа го дозволат временските услови.
Кључевската Сопка е највисокиот од повеќе од 160-те вулкани на рускиот полуостров Камчатка. Тој е дел од светското наследство на УНЕСКО поради неговата исклучителна природна убавина.
Температурите на тие височини ноќ може да достигнат и до 14 степени Целзиусови под нулата.
Спасувачите предупредуваат дека масивот од насипи на вулкански карпи измешани со снег и мраз е особено опасен за планинарите поради надморска височина и ризикот од вулканска ерупција.
Ерупциите се случуваат на секои четири или пет години, а научниците предупредуваат на значително зголемена активност на вулканот последните години.
Извор: МИА