Осум полицајци и припадници на националната гарда на Казахстан загинаа и 317 се повредени во немирите

Од:

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев изјави денеска дека апелирал до безбедносната алијанса поддржана од Москва за помош за справување со протестите низ државата.

„Денеска упатив апел до шефовите на државите на ОДКС (Организација на Договорот за колективна безбедност) да му помогнат на Казахстан во надминувањето на оваа терористичка закана“, рече тој на државната телевизија. Токаев додаде дека „терористичките банди“ што ги водат протестите „добиле обемна обука во странство“, јавија западни медиуми.

Останатите земји од тој Договор се – Русија, Белорусија, Киргистан, Таџикистан и Ерменија. Засега Москва официјално тврди дека настаните се внатрешен проблем на властите во Нур-Султан и тие можат сами да се справат со тоа.

-Терористичките банди кои учествуваат во протестите поминаа сериозна обука во странство и нивниот напад во суштина треба да се смета за меѓународен напад и акт на агресија, рече Токаев. Терористите веќе зазедоа големи локации, вклучително и авиони, рече тој во телевизиска изјава.

Осум полицајци и припадници на националната гарда на Казахстан загинаа и 317 се повредени во немирите во таа држава.

Демонстранти, вооружени со пушки и гранати во Алмати, ја демолираа претседателската резиденција, јавија локални медиуми. Резиденцијата е опожарена, а горат и околни згради, додека полицијата по истрели од огнено оружје ја напуштила зградата.

Вонредната состојба воведена во поранешниот главен град Алмати и западен Казахстан сега ја опфаќа целата земја, соопштија властите. Се воведува забрана за штрајкови, јавни собири, сообраќајни ограничувања, полициски час и строг режим за оружје, лекови, алкохол и зголемени полициски права за запирање и претрес.

Поради најмасовните протести од независноста на земјата пред 30 години, блокиран е интернетот, а прекинати се и плаќањата преку интернет и кредитните картички. Демонстрантите ги зазедоа најголемиот во Алмати и третиот по големина во Актау аеродроми во земјата, а авиокомпаниите ги откажуваат летовите за Казахстан.

По телевизиското обраќање на претседателот Токаев со ветувања за најстроги мерки, редици за подигнување готовина имаш пред банкоматите, но и утрото имаше поплаки дека банкарските картички не се обработуваат.

Според локални медиуми продавниците за храна во Алмати почнале да примаат само готовински плаќања, некои компании за испорака на производи престанале да работат и не може да се повика такси. Финансискиот регулатор и Народната банка изутрината инсистираа финансиските институции да работат нормално, а доколку има прекини тие се поради интернет конекција. Во попладневните часови целосно беше исклучен интернетот, а со тоа и сајтовите на медиумите и институциите.

Во Алмати, поранешниот главен град на Казахстан, беше заземен од демонстрантите најголемиот аеродром, при што патниците и персоналот беа евакуирани, а обезбедувањето повлечено. Авиони не полетуваат и не слетуваат таму. Меѓународните летови за денеска и утре до Алмати почнаа да ги откажуваат „Аерофлот“, „Катар ервејс“ и кувајтската „Џезира ервејс“.

Протестите почнаа во неделата во провинцијата Мангистау, која произведува нафта во западен Казахстан, по укинувањето на прописите со кои беше ограничена цената на горивата. Сега според западни медиуми, протестите се и против власта на Токаев.

Би можело да ве интересира

На Шолц му е кажано: „Русија е непобедлива“

13 лица загинаа во пожар во хостел во Казахстан

Горан Наумовски

Тројца ученици повредени во напад со секира и нож во училиште во Казахстан

Опериран поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев

Ана Ололовска

Казахстан ја менува визната политика поради Русите кои бегаат од мобилизација

Ана Ололовска

Русија ја спречи „обоената револуција“ во Казахстан