Московскиот градски суд го осуди денеска полковникот во пензија од Главното разузнавачко управување на Руската федерација, Владимир Квачков на 13 години затвор поради обид да организира вооружен бунт и за врбување на дуги лица да учествуваат во него. Другиот обвинет за истиот случај, Александар Киселов е осуден на 11 години затвор.
Во текот на судската расправа обвинителството побара за Квачков 14 години строг затвор, а за Киселов 12 години, како и по две години условно откако ќе ги отслужат пресудите. Обвинителството исто така побара од судот да им ги одземат воените титули на обвинетите.
По соопштувањето на пресудите одбраната на обвинетите истакна оти смета дека одлуките на судот се незаконски и неосновани и најави оти ќе поднесе жалба до Врховниот суд.
За време на процесот Квачков ги отфрли обвиненијата дека подготвувал бунт, но призна дека формирал „партизански единици“ со цел „спречување на странска интервенција“. Тој призна и дека е виновен за незаконско поседување на оружје.
Според истрагата Квачков врбувал неколку лица, меѓу кои и Киселов, за остварувањето на неговиот план и побарал од нив да врбуваат други луѓе и да му помогнат во организирањето на бунтот. Дел од врбуваните минале воена обука во Мјакинино, Московската област, а други во Санкт Петерсбург и Самара.
Според обвинението во 2010 година Киселов собрал во Санкт Петерсбург група од десет лица и се снабдил со оружје. На 10 јули истата година тој им дал инструкции и ги закажал датумот и местото на бунтот – градот Ковров во западноруската Владимирска област.
Обвинителството тврди дека Квачков и неговите приврзаници планирале да заземат згради на локалната самоуправа, на Министерството за внатрешни работи, Федералната служба за безбедност, Министерството за вонредни состојби, како и оружје и муниција.
Квачков беше главниот обвинет во процесот за атентатот во 2005 година против поранешниот раководител на енергетското здружение „ЕЕС Росија“, Анатолиј Чубајс. Квачков и останатите обвинети беа целосно ослободени од судот, а поранешниот полковник доби отштета за незаконска кривична истрага во износ од 450 илјади рубљи (околу 11.135 евра).