Белорускиот Врховен суд осуди на две години затвор граничар, поради тоа што не пријавил илегален влез, на мал шведски авион, од кој минатото лето се фрлани плишани играчки со пораки, во знак на поддршка за човековите права во Белорусија.
Судот не сакаше да го соопшти идентитетот, ниту чинот на војникот.
Во јули минатата година, од мал авион со кој управувале двајца службеници на една шведска маркетиншка агенција, на белоруската територија се исфрлени неколку стотини плишани мечиња, со падобрани и пораки во знак на поддршка на активистите за одбрана на човековите права.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко смени неколку високи воени старешини, а полицијата го затвори и новинарот кој објави извештај за акцијата.
Уредникот и основачот на веб сајтот на Белоруската новинска фотографија, Антон Сурјапи е затворен на 13-ти јули, додека полицијата работела на утврдување на неговата поврзаност со кампањата.
Белоруската власт најпрвин објави дека „десантот од мечиња“ бил залажување и дека не се случил, а дека фотографиите биле објавени на интернет, како визуелен фалсификат.
Шведската фирма за односи со јавноста „Студио тотал“ објави дека фрлила околу 1000 плишани мечиња од авион кој илегално влегол во белорускиот воздушен простор.
Таа компанија тогаш на „ Јутјуб“ објави немонтирано видео од летот, за да докаже дека акцијата ја спровела во знак на поддршка на слободата на говорот во Белорусија.