Полскиот министер за европски прашања Конрад Шимански денеска поднесе оставка, во мигови кога се бележат кревки односи меѓу Владата во Варшава и Европската унија и внатрешни тензии во Брисел.
„Мислам дека ново отворање што ќе биде во форма на нова личност, би можело да помогне. Убеден сум дека мојот наследник ќе го има истото искуство, професионализам и посветеност и ќе продолжи да води политика согласно интересите на Полска во Европската унија“, рече Шимански.
Шимански, кој ја извршуваше функцијата министер за европски прашања од 2019 година, рече дека иако „владите се менуваат, Полска е една земја“ и додаде оти политичките промени не треба да влијаат врз нејзините интереси и позиција во Европа.
Заминувањето на Конрад Шимански беше протолкувано како слабеење на тимот на премиерот Матеуш Моравјецки, кој се обидува да ги смири тензиите во Владата предизвикани од енергетската криза и зголемените трошоци за живот, оценуваат светските агенции.
Брисел ја критикуваше полската десничарска Влада, најмногу за непочитување на владеењето на правото и демократијата, што доведе до замрзнување на фондовите на ЕУ за закрепнување на Полска од пандемијата на коронавирусот.
Претседателот Анджеј Дуда и официјално ја прифати оставката на Шимански.
Извор: МИА