Операцијата на силите за безбедност во нападнатиот од исламистички борци хотел во главниот град на Буркина Фасо заврши, при што се спасени 126 лица, а тројца џихадисти се убиени, јавија локалните власти.
– Ослободени се 126 лица, вклучително и најмалку 33 повредени. Ликвидирани се тројца џихадисти, еден Арап и двајца Африканци, изјави министерот за безбедност Симон Компаоре.
Според Компаоре операцијата во хотелот „Сплендид“ во Уагадугу и ресторанот „Капучино“ во негова близина е завршена, но силите за безбедност продолжуваат со акцијата.
Претставник на силите за безбедност соопшти дека во нападот на хотелот и ресторанот во Уагадугу се убиени 22 лица. Претходно медицински претставници јавија дека најмалку 20 лица се убиени, а 15 повредени во напад на исламисти.
– Немаме точна бројка на мртви, но има најмалку 20 лица, изјави директорот на болница во Уагадугу Роберт Сангаре.
Одговорност за нападот презема групата „Ал Каеда“ од исламски Магреб.
Францускиот амбасадор во Буркина Фасо Жил Тибо, соопшти дека во главниот град е воведен полициски час, како и дека во амбасадата е формиран кризен штаб за своите граѓани во земјата, која е поранешна француска колонија.