Американска обвинителка има намера да докаже дека некогашниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, користел материјали од вебсајтот на „Викиликс“, соопштува британскиот весник „Гардиан“.
Обвинението во предметот против информаторот на „Викиликс“, Бредли Манинг, планира набрзо да повика анонимен сведок, кој учествувал во акцијата на убиството на Бин Ладен во Пакистан и кој во скривалиштето на поранешниот најбаран терорист нашол шифрирани пораки што биле соддржани во материјали на „Викиликс“.
Според обвинителството, тоа покажува дека Бин Ладен ги користел материјалите на „Викиликс“, што, од своја страна, дава дополнителни докази за главната теза на обвинението – дека Манинг му помагал на непријателот.
Манинг, кој работел како аналитичар на американското воено разузнавање во Ирак, е обвинет дека на „Викиликс“ му давал доверливи документи на Пентагон и Стејт департментот.