Унгарија нема да попушти во својот став кон мигрантската криза и намерата да го спроведе најавениот референдум за квотите за прифаќање на мигранти за да ја промени политиката на Брисел, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На прес-конференција Орбан изјави дека во неговата земја нема иницијативи за истапување од Европската Унија и дека со членството во ЕУ се согласува и опозициската, десничарска партија Јобик, пренесоа британските медиуми.
– Не ни е познат никаков предлог што ќе не наведе на сериозно разгледување на прашањето на унгарското членство во ЕУ, но постојат сериозни барања да не се откажуваме од нашата политика за прашањето на мигрантската криза и тука нема да попуштаме, рече Орбан и додаде дека „двете прашања не треба да се мешаат“.
Унгарскиот премиер изрази надеж дека резултатот од референдумот за квотите за мигрантите ќе влијае врз промената на миграциската политика на официјален Брисел, но призна дека го чека „сериозна борба“.