Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Будимпешта научила дека не мора да и се допадне на „уморната бриселска елита“, истакнувајќи дека Унгарија е иднина на Европа.
– Во последните 10 години научивме дека Европа не е во Брисел, рече Орбан во синоќешното годишно обраќање до нацијата.
– Европа сме ние и ние не мора да и се допаднеме на уморната бриселска елита … Во минатото мислевме дека Европа е нашата иднина, но денес знаеме дека ние сме иднина на Европа, рече тој.
Орбан изрази задоволство затоа што Унгарија нашла „заедничка основа“ со соседните земји, Хрватска, Словачка, Словенија и Србија и е во позиција со нив да ја прошири соработката и да создава сојузи.
– Историјата повторно им даде можност на народите од Централна Европа да изградат нов сојуз, заснован на нивните национални интереси, кој ќе ни овозможи да се одбраниме од заканите и од Истокот и од Западот, рече Орбан.
Тој оцени дека последната декада се најуспешните 10 години во последните 100 години од историјата на Унгарија, но додаде и дека државата била загрозена со климатски промени, континуиран пад на бројот на населението и заканите за европската економија.
Во годишното обраќање до нацијата, Орбан ги повтори критиките кон оние што ги смета за противници, вклучувајќи го и раководството на Европската унија, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос.
Орбан, кој се врати на власт во 2010 година кога Унгарија сè уште беше зависна од меѓународна финансиска помош, рече дека неговата влада ги отфрлила барањата за дополнително штедење и се ослободила од кредитите на ММФ за да може послободно да ги спроведува економските политики.
– Да ги слушавме нивните совети, Унгарија сега ќе лежеше во болничко одделение, и од нејзините екстремитети ќе висеа цревца од ММФ и Брисел со долгови, а чешмата за долгот ќе беше во рацете на Џорџ Сорос, рече Орбан.
Тој рече дека економскиот раст на Унгарија од 4,9 проценти значително го надминал европскиот просек, но оти земјата сè уште е тесно поврзана со резултатите на европската економија бидејќи 85 проценти од унгарскиот извоз оди во други европски земји.
– Така што нивниот проблем е и наш проблем. Единственото прашање е до кога ќе биде и наш проблем, рече Орбан.
Тој процени дека „европската економија, особено економијата во еврозоната, едноставно запрела“ и додаде дека економскиот раст во Европа во 2020 година ќе биде „во голема мерка микроскопски“.
Во врска со намалувањето на населението, Орбан рече дека економските стимулации на Владата за брачните двојки и големите семејства помогнале, но оти се потребни повеќе мерки.
Тој рече дека бројот на склучени бракови е зголемен, а бројот на разводи и абортуси се намалил, но оти „лошата вест е дека намалувањето на населението не запрело“ и дека „Унгарците и понатаму се загрозен вид“.
Орбан најави политики за помош во животната средина, вклучително и зголемување на пошумените области од 27 проценти, забрана на пластични кеси за еднократна употреба и поттик за употреба на електрични возила.
Тој додаде дека сите градски автобуси кои од 2022 година ќе добијат дозвола, ќе мора да бидат електрични.