Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека сите економски проблеми во таа земја се резултат на војната во Украина и нејзините последици.
Тој во интервју за радио „Кошут“ нагласи дека Унгарија мора да ја продолжи борбата за мир во Брисел, особено имајќи ја предвид победата на републиканецот Доналд Трамп на неодамнешните претседателски избори во САД.
Орбан рече дека унгарската влада доставила предлог-закон за буџетот за „мирна ера“ до пратениците и навести дека следната година ќе биде одлична и „без преседан“, пренесува МТИ. Унгарскиот премиер ја истакна потребата за мир од хумана и христијанска перспектива и укажа на влијанието на војната врз унгарската економија и приходот и квалитетот на животот на Унгарците.
„Вистинската работа е да се заврши војната што е можно поскоро“, рече тој.
Оцени дека санкциите на ЕУ се „непромислен одговор на војната“ и дека доведоа до високи цени на енергијата и инфлација, што резултираше со „усвојување одбранбена позиција“ на економскиот фронт.
Тој рече дека нема да има економски раст доколку ситуацијата не се промени, заклучувајќи дека е неопходно што поскоро да се стави крај на војната во Украина.
Орбан истакна дека унгарската дипломатија се залага за мир, но рече дека е потребен „главен играч“ кој е во позиција да го постигне тој мир, нагласувајќи ја важноста на изборните резултати во САД.