Светската програма за храна денеска ќе ја добие Нобеловата награда за мир на многу поинаков начин од традиционалната прослава во норвешкиот главен град, поради пандемијата на коронавирусот.
Претседателката на норвешкиот Нобелов комитет, Берит Реис-Андерсен во Осло ќе даде онлајн изјава, по што Дејвид Бизли, шефот на Светската програма за храна, ќе одржи говор во Рим, каде што се наоѓа седиштето на оваа организација.
Организацијата е наградена со оваа престижна награда за нејзините напори во борбата против гладот.
Оваа година беа именувани 12 лауреати во шест категории.
На сите добитници, освен на добитникот на наградата за мир, наградите им беа доделени во изминатите денови на церемонии низ цела Европа и во САД, во местата каде што живеат добитниците.
Нобеловата награда доаѓа со парична награда од 10 милиони круни (1,1 милион американски долари), диплома и златен медал.
Традиционално, сите раскошни церемонии за доделување на Нобеловата награда се одржуваат на 10 декември, на годишнината од смртта на основачот на наградата Алфред Нобел во Стокхолм, освен наградата за мир која се доделува во Осло, во соседна Норвешка, поради причини кои Нобел ги зачувал за себе.