Протерувањето на Исламската држава од Стариот град во Мосул, каде се заглавени стотици илјадници ирачки цивили, може да се претвори во најголемата хуманитарна катастрофа во војната против екстремистите, предупредија денеска ОН.
Околу 400.000 цивили, или една четвртина од бројот на жители на Мосул пред војната, се заглавени стариот дел на ирачкиот град, според проценките на ОН.
Дури половина милион жители, како што се проценува, се останати во квартовите што се уште се под контрола на ИД во западниот дел на Мосул.
– Ако таму се воспостави опсада и стотици илјадници лица останат без вода и храна, ќе се најдат во огромна опасност, изјави хуманитарната координаторка при ОН за Ирак Лисе Гранде.
Мосул, најголемиот град во северниот дел на Ирак, падна под контрола на екстремистичките сунитски муслимански борци во втората половина на 2014 година.
Ирачките сили ја вратија контролата над поголемиот дел на Мосул во офанзивата со поддршка на САД што ја започнаа во октомври, вклучително и половина дел од градот што се наоѓа источно од реката Тигар.
Екстремистите сега се опколени во северозападниот кварт вклучително и во Стариот град и се спротивставуваат на офанзивата со подметнати експлозивни направи, самоубиствени напади со моторцикли, напади со минофрлачи и снајпери, а повремено користат и гранати исполнети со отровен гас.
При борбите се убиени неколку илјади цивили и борци од двете страни, тврдат хуманитарните организации.
Повеќе од 327.000 лица избегаа од Мосул во изминатите шест месеци.