Универзитетот Оксфорд по петти пат по ред е на врвот на рангирањето на најдобрите светски универзитети на британскиот неделник Times Higher Education, кое вклучува 1.527 високообразовни институции од 93 земји.
На второ место е Калифорнискиот институт за технологија, кој се искачи од ланската четврта позиција, додека Универзитетот Кембриџ, вечниот ривал на Оксфорд, е на третото место.
Во првите десет, како и минатата година, се наоѓаат универзитети од САД и Велика Британија.
На четвртото место е универзитетот Стенфорд, а по него следат Институтот за технологија во Масачусетс, Принстон и Харвард.
Првиот универзитет во рангирањето што не е од САД или Велика Британија е Швајцарскиот Институт за технологија од Цирих, кој се наоѓа на 13-то место.
САД продолжуваат да доминираат на светската ранг листа со седум освоени места во топ 10 (59 американски универзитети се наоѓаат во најдобрите 200), втора е Велика Британија со три освоени места во топ 10 (29 британски универзитети се наоѓаат во најдобрите 200), и на третото место е Германија со 21 универзитет меѓу двестоте најдобри.
Други земји кои имаат поголем број на високообразовни институции во ранг листата на најдобрите универзитети се: Австралија со 12, Холандија -11, Канада -8, Кина, Јужна Кореја, Швајцарија по 7 и Франција -5.