Египетското Министерство за здравство денеска соопшти дека најмалку 34 лица се убиени во напад пред штабот на Републиканската гарда во Каиро, додека полицијата потврди оти околу 200 лица се уапсени откако се обиделе да го нападнат објектот со оружје, пренесува ДПА.
Службеник во Министерството за здравство соопшти дека според првичните податоци при нападот се убиени 34 лица, а 300 се повредени.
Претходно, претставник на армијата информираше дека вооружени мажи убиле еден офицер и уште петмина поддржувачи на соборениот претседател Мохамед Морси, откако насобраните луѓе пред штабот на Републиканската гарда се обиделе да упаднат во зградата.
Портпаролот на „Муслимански братство“ објави на „Твитер“ дека според приврзаниците на Морси армијата и полицијата се обиделе да ги растурат нивните протести, употребувајќи прекумерна сила.