Комисијата за надворешна политика при турскиот Парламент го одобри денеска договорот на Турција со либиската Влада за поморската граница во Средоземно Море, што и овозможува на Турција пристап до економската зона во Медитеранот.
Во текот на денешниот ден за овој договор ќе се изјасни и Парламентот.
Турција минатата недела потпиша договор со либиската Влада на Фајез Сараџ, со седиште во Триполи, која е призната од ОН и контролира некои западни делови од земјата.
Овој договор предизвика расправа во либискиот Парламент, кој се наоѓа на крајниот источен дел од земјата и е под влијание на Либиската национална армија на генералот Калифа Хафтар.
Договорот, исто така, дополнително го заострува веќе постоечкиот спор кој Турција го има со Грција, Кипар и Египет околу правото на експлоатација на нафта и гас во источниот дел на Средоземното Море.