Египетскиот министер за внатрешни работи Мохамед Ибрахим денеска вети одлучна пресметка со секаков обид за дестабилизација на земјата.
Ова предупредување доаѓа во момент кога бројот на загинатите во судирите меѓу приврзаниците на симнатиот од власт претседател Мохамед Морски и безбедносните сили се искачи на 72 лица.
Бранот судири за време на викендов е најжесток од воениот удар, кога на 3 јули беше симнат од власт Морси.
– Го уверувам народот на Египет дека полицијата е решена да ја одржи безбедноста и сигурноста во земјата, како и дека е способна тоа да го направи, рече Ибрахим.
Со оваа изјава се зголемува притисокот врз приврзаниците на Морси кои се собираат и протестираат веќе три недели.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го осуди вчерашното насилство за време на протестите во Египет. Тој ги повика египетските сили за безбедност да го почитуваат правото на луѓето да протестираат, истовремено повикувајќи ги демонстрантите на мирни протести.
– Генералниот секретар на ОН повторно ги повика привремените власти да преземат целосна одговорност за мирно спроведување на протестите и да обезбедат заштита на сите Египќани, се наведува во соопштението на прес-службата на Бан.
Истовремено, Пентагон објави дека министерот за одбрана на САД Чак Хејгел разговарал по телефон со египетскиот воен министер генерал Абдел Фатах ал Сиси, пред кого изразил загриженост поради последните насилства. Хејгел го советувал својот колега да покаже воздржаност, а властите во Египет да ги преземат сите мерки за спречување на крвопролевањето.
Државниот секретар на САД Џон Кери, исто така, изјави дека властите во Египет треба да ја вратат земјата назад на вистинскиот пат.
Тој истакна дека разговарал со двајца високи членови на привремената Влада во Египет, потпретседателот Мохамед ел Барадеј и министерот за надворешни работи Набил Фахми. Кери пред нив изразил длабока загриженост поради најновите крвопролевања во Каиро и Александрија, во кои загинаа голем број луѓе.