Неколку десетици илјади демонстранти вчера се собраа во центарот на Вашингтон, на првиот поголем собир кој се организира во чест на 50 годишнината од познатиот марш на Вашингтон, акцијата предводена од Мартин Лутер Кинг која се смета за пресвртен
момент во борбата за еднакви права на Афро-американците.
Централниот собир е планиран во среда, кога треба да се обрати претседателот Барак
Обама како и поранешните претседатели Бил Клинтон и Џими Картер.
На вчерашниот собир, на граѓаните им се обрати Мартин Лутер Кинг Третиот, син на убиениот водач на афро-американската заедница. Тој зборуваше од скалилата на споменикот на претседателот Абрахам Линколн, истото место од кое неговиот татко го одржа говорот познат по фразата „јас имам сон“.
Собирот се одржува во време кога веќе пет години на власт е првиот афро-американски претседател на САД, но и во сенка на неколку расно поларизирачки убиства кои ги влошуваат односите меѓу белите и црните Американци.
– Задачата не е завршена, патувањето се уште не е целосно. Визијата која пред половина век ја проповедаше мојот татко беше дека неговите четири мали деца нема веќе да живеат во земја во која човек ќе биде суден според бојата на неговата кожа, туку според содржината на неговиот карактер. За жал, солзите на мајката и таткото на Трејвон
Мартин не потсетуваат дека премногу често бојата на кожата дава дозвола да се следи, апси, па дури и да се убие човек без оглед на содржината на неговиот карактер, изјави Мартин Лутер Кинг Третиот, потсетувајќи на убиството на 18 годишното момче убиено од страна на Латино-американецот Џорџ Зимерман во Флорида кој потоа беше ослободен од поротата.