Очекувања од изборите во Ирак

Од:

Ирачаните денеска излегуваат на општи избори, први по американското воено повлекување во 2011 година. Гласањето се одржува во ек на интензивирањето на секташкото насилство во кое илјадници луѓе беа убиени.

Центарот на Багдад е облепен со плакати на изборните кандидати, додека голем број Ирачани се пријавуваат за гласање. Претстојните парламентарни избори се сметаат за клучен тест на младата демократија на Ирак.

Гласачите како што е Маат Мусаб сакаат промена:
– Се надеваме дека сегашните личности ќе се заменат со нови. Сити сме од истите луѓе во последните осум години. Ништо не направија за нас. Со божја волја, се надеваме на промени.

Меѓутоа, изборите се одржуваат во екот на ескалациите на секташко насилство. Бројните самоубиствени напади на екстремистите имаат за цел да го нарушат гласањето.
Џејмс Џефри, поранешен американски амбасадор во Ирак не е изненаден од немирната состојба:

– Демократскиот процес во основа е неуреден. Како што тоа го кажал Черчил – тој процес изгледа безнадежен, се додека не се разгледа алтернативата. Тоа посебно се однесува на демократиите во развој.

Аналитичарите предвидуваат дека коалицијата на премиерот Нури ал Малики по изборите ќе биде засилена. Состојбата на премиерот видливо се подобри бидејќи влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр во почетокот на годината соопшти дека се повлекува од политиката.

Џонатан Шензер е експерт за Блискиот Исток:
– Нури ал-Малики најде начин се повеќе да ја стегне својата власт. Се очекува навистина да се покаже дека единствено тој владее со политичката сцена.

Изборите од безбедносни причини нема да се одржат во Фалуџа, во немирната покраина Анбар. Џихадистите, наклонети кон ал Каеда преземаа поголем дел од градот уште во јануари. Владата возвраќа со напади, но главно на периферијата на Фалуџа.

– Прашање е што можат да постигнат? Дали државата ќе може да ја потисне таа група, или ќе дозволи овие области во кои централната власт е слаба, да останат во рацете на џихадистите – вели Шензер.

САД во Ирак испорачаа ракети Хелфајер воздух-земја, истакнувајќи дека нема да ги упати американските војници. Американската јавност, инаку, не покажува интерес за изборите во Ирак.

– По резултатот кој следеше, владее разочарување и изгубени се илузиите во поглед на Ирак во кој толку вложивме. Лично никогаш не верував во подобар резултат, но вистина е дека американскиот народ помалку е разочаран – вели поранешниот амбасадор Џефри.

Аналитичарите наведуваат дека новоизбраниот парламент може со месеци да преговара за составот на новата коалициона влада, бидејќи малку е веројатно дека некоја партија ќе освои мнозинство.

Би можело да ве интересира

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Две курдски новинарки загинаа во турски воздушен напад во северен Ирак

Израелските новинари известуваат: Иран подготвува беспилотни летала и ракети за голем напад

Американски војници се ранети во ракетен напад врз базата „Аин ал Асад“ во Ирак

Гранатирана е воена база во Ирак

Горан Наумовски

Нападната е американска воена база во Ирак