Обвинителството во американската држава Охајо планираат да побараат егзекуција за киднаперот Ариел Катро, кој е осомничен за заложништво на три жени во текот на една деценија.
Обвиненијата особено се однесуваат на наводните принудни абортуси кои ги претрпела една од жртвите.
И покрај тоа што 52 годишниот Кастро одбивал да говори за неговите жртви, полицијата во неговиот дом нашла писмо напишано во 2004 година непосредно по третото киднапирање во кое тој ги признал злосторствата. Наводно планирал да се самоубие, а неговата заштеда да им ја остави на жртвите.
Кастро, поранешен возач на училишен автобус, се соочува со четири обвиненија за грабнување и три обвиненија за силување.
Засега не се покренати обвиненија против неговите браќа О’нил (50) и Педро (54), кои беа уапсени заедно со него. Нема докази дека тие учествувале во криминалот извршен врз жените.
Аманда Бери (27), Џина Дехесус (23) и Мишел Најт (32) беа ослободени од заробеништво во понеделникот вечерта. Тие биле грабнати пред 10, девет и 11 години. Во куќата имало и шестгодишно девојче, ќерката на Аманда Бери, родена за време на грабнувањето.
Според истрагата, жените биле подложени на сексуално насилство.
Аманда Бери останала бремена и родила во заробеништво и се верува дека Кастро е татко на 6-годишната Џослин. Условите за породување биле ужасни – Аманда го родила девојчето во гумено базенче, а и помогнала Мишел Најт. Кастро на обете им се заканувал дека ќе ги убие ако детето не преживее. И Мишел Најт останала бремена и тоа пет пати, но Ариел Кастро секојпат предизвикувал пометнување удирајќи ја по стомакот.