Состојбата со медиумите во Украина влезе во опасна фаза, а новинарите се соочуваат со насилство, застрашување и психолошка војна, предупреди претставничката на ОБСЕ, за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ на крајот од тридневната посета на Украина.
-Слободата на медиумите е огледало на севкупната безбедносна ситуација. Од моја перспектива состијбата е алармантна со ризик од понатамошно влошување, доколку веднаш не се поправи. Насилството над новинарите мора да престане сега и владеењето на правото мора да биде обновено ширум државата, рече таа.
Мијатовиќ од 14 –ти до 16-ти април беше во посета на Харков, Киев и Одеса каде што се сретна со новинарите од тие области како и со новинарите од Доњецка, Миколајиј и Крим, стои во соопштението на ОБСЕ.
Теми за разговорите кои Мијатовиќ ги водеше со претставниците на медиуми, како и вршителот на должноста министер за надворешни работи на Украина, Андриј Дешчици и заменик министерот за внатрешни работи, Микола Величкович, беа безбедноста на новинарите, спречување на влез на новинарите во Украина и забрана за работа на предавателите.
-Новинарите се нападнати физички и во рамките на психолошка војна. Тие во зоните на конфликти се соочуваат со насилство, заплена и уништување на имотите и секојдневни закани, рече Мијатовиќ, која што дојде до сознание дека полицијата и другите безбедносни агенции речиси и да не ги штитат новинарите
Во Доњецка и Харков во изминатите неколку дена имаше повеќе физички напади врз припадници од медиумите, на телевизиската екипа на ББС и на новинар од „Вајс њуз“, а нивната опрема беше украдена и уништена, се додава во соопштението.
Е. Г.