Тим меѓународни набљудувачи на ОБСЕ смета дека изборите во Унгарија, на кои актуелниот премиер Виктор Орбан освои огромно мнозинство, беа „засенети“ од неизбалансирана кампања.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати целосна набљудувачка мисија на вчерашните избори во Унгарија, вторпат во земја членка на ЕУ, поради загриженоста за правичноста на гласањето. Во мисијата беа вклучени 312 набљудувачи од 45 земји.
Тие констатираа дека иако гласањето било „добро администрирано и професионално управувано“, тоа било „засенето од недостигот на рамноправи услови“.
– Широките владини рекламни кампањи и пристрасното информирање во јавните и голем број приватни медиуми обезбедија сеприсутна изборна платформа за владејачката партија, се наведува во прелиминарниот извештај на ОБСЕ.
Опозицијата речиси отсуствуваше од државните медиуми, кои станаа гласноговорник на владејачката партија Фидес во изминатите 12 години од владеењето на партијата.
Недостигот на дебати меѓу клучните ривали дополнително ја ограничи „способноста на гласачите да направат информиран избор“, додека употребата на владините пораки во корист на Фидес „ја замаглува границата меѓу државата и партијата“, велат набљудувачите.
Во извештајот, исто така, се посочува за „недостаток на транспарентност и недоволна контрола врз финансирањето на кампањата“.
Иако изборниот ден помина мирно и „процедурите на гласање беа во голема мера почитувани“, мисијата соопшти дека „тајноста често била загрозена, многу избирачки места биле преполни и често се спроведувало групно гласање“.
Во радио интервју минатата недела, Орбан ги нарече организациите како што е ОБСЕ „воени институции чија цел е да ги напаѓаат партиите како што е Фидес“.
Извор: МИА